Скопје, Македонија - 19 Декември 2005 - Владата на Република Македонија и Мајкрософт Македонија објавија реализација и започнување со работа на неколку нови електронски услуги кои ќе можат да ги користат сите граѓани на Република Македонија, обезбедувајќи им едноставен пристап до услугите на јавната администрација и директна електронска комуникација со Владата. Новите услуги, кои се изработени во рамките на постоечкиот договор за стратешко партнерство, вклучуваат воведување на стандардизиран информационен портал за комуникација со граѓаните на Република Македонија, интернет портал кој ќе им овозможи присуство на интернет на малите и средни фирми, како и интерен портал на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија за комуникација во рамките на самата влада.
“Со воведувањето на новите услуги, Владата на РМ обезбедува олеснет пристап до главните услуги на јавната администрација за граѓаните. Среќни сме што соработувавме со Мајкрософт во развивањето на овие алатки и верувам дека ваквите проекти ќе им донесат важни придобивки на граѓаните на Република Македонија,” рече Премиерот Владо Бучковски.
“Многу сме задоволни од соработката што ја остваруваме со владите во Европа, а особено со земјите од Југоисточна Европа кои ги следат процесите на европска интеграција. Денешното објавување на услугите кои ги изработивме во рамките на стратешкиот договор за партнерство со македонската влада е голем успех и основа за нашата понатамошна соработка” - рече Вахе Торосиан, потпретседател на Мајкрософт за Централна и Источна Европа.
Владата и Мајкрософт го потпишаа долгорочниот стратешки договор за партнерска соработка во декември 2003 како дел од владините напори за подобрување на ефикасноста и транспарентноста во работата на јавната администрација, за стимулирање на развојот на локалната ИТ индустрија и на потенцијалот на домашниот пазар за информациски и комуникациски технологии.
Трите нови услуги кои се воведуваат од денеска беа развиени од локални ИТ компании координирани од Мајкрософт:
· www.uslugi.gov.mk – Со оваа услуга се создава стандардизиран информационен портал за сите граѓани на Република Македонија. Порталот ќе им овозможи на граѓаните пристап до информациите за услугите на сите министерства од јавната администрација и можност за структурирано пребарување низ истите. Во исто време, оваа услуга ќе ја поддржи електронската интеракција меѓу граѓаните и владата.
· www.emarketplace.org.mk – Преку овој портал, малите и средните претпријатија во Македонија ќе добијат можност да бидат присутни на интернет и да започнат со електронска трговија, за што инаку некои од нив не би имале доволно сопствени ресусрси. Овој портал ќе придонесе кон подобра промоција на локалните компании на глобалниот пазар и ќе ги позиционира информатичките технологии како една од клучните состојки за создавање на стратегија за конкурентност на малите и средни претпријатија.
· gs.gov.mk – Интерен портал на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, каде што генералниот секретар и кабинетот на Премиерот ќе можат да го следат статусот на реализацијата на одлуките кои се прават на седниците на Владата, како и одговорите од министерствата на пратеничките прашања. Исто така оваа услуга овозможува проверка на моменталниот статус и динамиката со која се имплементира годишната програма на владата.
"Денешното воведување на е-владините услуги е значајно достигнување и е резултат на воспоставениот партнерски однос на Мајкрософт и Владата на Република Македонија. Обезбедувајќи технолошки решенија кои ќе ги задоволат потребите на граѓаните и стимулирајќи го развојот на модерна ИТ индустрија во Република Македонија, е-владините услуги кои ги објавуваме денес имаат потенцијал брзо да станат важен дел од секојдневието на граѓаните на Република Македонија" рече Илијанчо Гаговски, генерален директор на Мајкрософт Македонија. "Соработката со Владата на Република Македонија и со нашите локални партнери останува наша долгорочна определба, како во рамките на договорот за стратешко партнерство така и во сите наши останати активности. "
Денешната вест за воведувањето на новите е-владини услуги уште еднаш ја покажува определбата на Мајкрософт да воспоставува долгорочна соработка со владите, образовните институции и приватните компании во Европа со цел да се оствари локален економски развој и да им овозможи подобра конкурентност на глобалниот пазар преку употребата на технологијата.
За Мајкрософт
Основан во 1975 година, Мајкрософт (Nasdaq “MSFT”) е светски лидер во развивање на софтвер, услуги и решенија кои им помагаат на луѓето и претпријатијата комплетно да ги реализираат целосно нивните потенцијали.
За Мајкрософт ЕМЕА (Европа, Блиски Исток и Африка)
Мајкрософт работи во ЕМЕА од 1982. Во овој регион Мајкрософт вработува повеќе од 12 000 луѓе во 55 претставништва, развивајќи производи и услуги во 139 земји и територии.
##########
Овој текст служи само како информација. Мајкрософт корпорацијата не е одговорна за начините на кои овој текст се користи. Мајкрософт корпорацијата нема да биде директно, индиректно, последично или на било кој друг начин одговорна, нити во случај на договор, невнимание, нити во било која друга активност поврзана со употребата или јавното изведување на овој материјал. Овој текст не може да се толкува како овластување.
Мајкрософт е регистриран заштитен знак на Мајкрософт Корпорацијата во Соединетите Американски Држави и/или други земји.
Имињата на компании и производи спомнати во овој текст може да бидат заштитни знаци на нивните сопственици.